Избор на студиска програма

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство на своите идни студенти при уписите им нуди можност за избор на повеќе студиски програми, кои кандидатот ги подредува по приоритет според сопствените амбиции. При пријавување за упис на ФИНКИ, кандидатот го наведува основниот избор на студиска програма на која претендира да биде запишан, а потоа има можност да наведе и дополнителни студиски програми, според приоритет, на кои би сакал да студира доколку со освоените поени од матура не може да се запише на студиската програма која е негов основен избор. 


Доколку кандидатот нема освоено доволен број бодови за запишување во државна квота на студиската програма која е негов основен избор, може да се изјасни за студирање со кофинансирање, на истата студиска програма. 

Доколку кандидатот не е рангиран по било кој основ на студиската програма која е негов основен избор, се постапува во согласност со приоритетот за запишување на другите студиски програми на Факултетот, според листата направена од самиот кандидат. При рангирањето изразената желба на кандидатот има предност пред пресметаните бодови. Според тоа, Кандидат А кој како основен избор ја навел студиската програма X и има 85 поени, има предност пред Kандидат Б кој како основен избор ја навел студиската програма Y и има 90 поени кои не се доволни да биде рангиран во студиската програма Y, а како дополнителен избор ја навел студиската програма X.