Во чекор со дигиталната иднина: Industry Meetup на ДигитМак

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при УКИМ, Скопје, со гордост ја продолжува својата мисија како еден од клучните партнери и двигатели во европскиот дигитален иновациски хаб DigitMak (EDIH DigitMak).
На 25 септември, во рамки на регионалната конференција MicroBalkans 2026, се одржа настанот „Industry Meetup на ДигитМак“, посветен на дигиталната трансформација, новите технологии и нивната практична примена во бизнис-секторот.
На централната панел-дискусија „Дигитална Македонија, иднината на финансиските услуги: ДигитМАК како предводник на дигиталната иднина“, активно учество и значаен придонес дадоа и нашите професори од ФИНКИ:
🔹 Проф. д-р Петре Ламески (декан на ФИНКИ и координатор на DigitMak) истакна дека дигиталната трансформација е клучна за идентификување на слабостите во организациите и нивно надминување преку оптимизација на процесите, а крајната цел е интегрирана примена на вештачката интелигенција како највисоко ниво на технолошки развој. Тој го претстави и тристолбниот пристап на ДигитМак – „Обучи, Дигитализирај, Финансирај“, насочен кон конкретна поддршка на домашните претпријатија.
🔹 Проф. д-р Димитар Трајанов (професор на ФИНКИ и координатор на Фабриката за вештачка интелигенција „Везилка“) нагласи дека иницијативи како DigitMak, AI Фабриката „Везилка“ и EuroCC се од суштинско значење за градење сопствени AI модели и домашна дигитална инфраструктура, со цел зачувување на националниот дигитален суверенитет и безбедна примена на технологијата.