Повик до студентите за учество во конкурс на Народната банка

Оваа година Народната банка на Република Северна Македонија одбележува 80 години централно банкарство во нашата земја. По тој повод, Народната банка распишува Конкурс за избор на најдобар краток видеоматеријал објавен на социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук, преку кој граѓаните ќе одговорат на прашањето „Што значи за мене Народната банка?“ и на креативен и разбирлив начин ќе ја претстават улогата на централното банкарство во нивниот секојдневен живот.

Насоки за темата и услови за учество на Конкурсот

Работата на Народната банка честопати изгледа апстрактна и поврзана само со  економистите, иако секојдневно влијае врз животот на секој граѓанин — преку парите во паричникот, стабилноста на цените, сигурноста на банките каде што ги чуваме нашите сметки и непреченото извршување на плаќањата. Целта на Конкурсот е токму таа  ̶  нејзиното работење да се доближи до граѓаните: во видеоматеријалот, учесниците треба јасно и препознатливо да ја поврзат содржината со Народната банка и со некоја од нејзините надлежности, а не само со јубилејот или со временскиот период, воопшто. Видеото не мора да ги опфати сите наведени теми — доволно е да се фокусира на еден аспект, но обработен на автентичен и разбирлив начин. За разработка на темата, учесниците може да се раководат од следниве насоки, коишто не се ограничувачки:

  1. Денарот и неговата стабилност — Народната банка има ексклузивно право да издава книжни пари и монети; денарот е воведен во 1992 година како законско средство за плаќање, а на секоја банкнота стои потпис на гувернерот. Запрашајте се: Кој го издава денарот? Како и кога денарот стана наша валута? Зошто на банкнотите стои потпис на гувернерот?
  2. Ценовната стабилност — основната законска задача на Народната банка е инфлацијата да се одржува на разумно и предвидливо ниво, со што се зачувува куповната моќ на парите на граѓаните. Запрашајте се: Што е инфлација и зошто го следат нејзино движење централните банки во светот? На кој начин Народната банка придонесува кон одржување на ценовната стабилност? Зошто е важна предвидливоста на цените при планирање на семејниот буџет?
  3. Стабилноста на девизниот курс — од 1995 година, курсот на денарот се одржува стабилен (најпрво кон германската марка, а потоа кон еврото), што придонесува кон предвидливи цени за граѓаните и фирмите. Запрашајте се: Зошто е важно курсот на денарот да биде стабилен, а не да се менува секој ден? Како влијае стабилниот курс врз цените на увезените производи? Кој се грижи за стабилноста на девизниот курс?
  4. Сигурноста на банкарскиот систем — Народната банка врши надзор над деловните банки, во кои граѓаните имаат свои сметки и ги чуваат своите заштеди. Размислете: Кој ги надгледува банките во кои ги чуваме нашите пари? Зошто можеме да имаме доверба во банките дека се сигурни нашите заштеди? Што би се случило доколку никој не ги контролира банките?
  5. Платниот систем — Народната банка обезбедува дел од инфраструктурата и има надзорна улога во извршувањето на плаќањата во земјата и кон странство. Размислете: Како, всушност, патуваат парите кога плаќаме со картичка или правиме трансфер меѓу две банки? Кој се грижи плаќањата да пристигнат навреме и точно? Што би значело за нас доколку платниот систем престане да работи на еден ден?
  6. Девизните резерви — Народната банка ги чува и ги управува девизните резерви на земјата, грижејќи се за ликвидноста во плаќањата кон странство. Размислете: Што се девизни резерви и зошто ги чува државата? Како ѝ помагаат тие на земјата да врши плаќања кон странство без проблем? Зошто се важни во услови на економска несигурност?
  7. Статистиката и транспарентноста — Народната банка редовно ги собира и ги објавува податоците за економијата и јавно ги објаснува своите одлуки, со цел граѓаните полесно да го разберат нејзиното работење. Размислете: Каде можат граѓаните да најдат официјални податоци за економијата на земјата? Зошто е важно централната банка јавно да ги објаснува своите одлуки? Како може транспарентноста да изгради доверба кај граѓаните?

Учесниците можат да ја обработат темата слободно и креативно, преку анимација, интервју, скеч, документарен запис или на друг начин соодветен за објавување на социјалните мрежи.

Право на учество на Конкурсот имаат сите полнолетни државјани на Република Северна Македонија, освен членовите на Советот на Народната банка, вработените во Народната банка и членовите на нивните семејства. Еден учесник може да учествува на Конкурсот со најмногу пет видеоматеријали.

Видеоматеријалот треба да биде оригинално авторско дело, со времетраење најмногу три минути, во формат соодветен за објавување на социјалните мрежи, и да биде објавен на профил на учесникот, така што ќе биде јавно достапен во текот на траењето на Конкурсот.

Видеоматеријалот не смее да содржи навредлива, дискриминаторска, политичка содржина, говор на омраза, насилна, вулгарна или друга содржина спротивна на закон, на јавниот интерес, на етичките стандарди или на угледот на Народната банка. Народната банка го задржува правото да дисквалификува видеоматеријал доколку: не ги исполнува условите утврдени во конкурсот; содржи несоодветна, навредлива или незаконска содржина.

Видеоматеријалот треба да биде изработен на македонски или на албански јазик. Се препорачува видеоматеријалот да содржи вградени титлови на македонски или на албански јазик, но тоа не е задолжително.

При објавувањето на видеоматеријалот, учесникот задолжително го користи хаштагот #МојатаНБ и го означува (тагира) официјалниот профил на Народната банка, во зависност од социјалната мрежа на којашто се објавува видеоматеријалот: на профилот на Фејсбук @narodnatabanka, односно на профилот на Инстаграм @narodnabanka.mkd.

Видеоматеријалите се објавуваат на социјалните мрежи во периодот од 1 октомври до 31 октомври 2026 година.

Пристигнатите видеоматеријали ќе бидат разгледувани од комисија формирана од претставници на Народната банка, а видеоматеријалите коишто ги исполнуваат условите утврдени со овој конкурс ќе бидат оценувани според следниве критериуми:

а. доследност на темата и оригиналност на идејата;

б. придонес кон разбирањето на работењето на Народната банка и јасност на пораката;

в. креативност, естетски квалитет и техничка изработка на видеоматеријалот.

Секој критериум се оценува со оцена од 1 до 5 (од недоволен до одличен), а конечната оцена претставува збир од поединечните оцени за секој од трите наведени критериуми. Врз основа на предлогот на комисијата, гувернерот на Народната банка донесува одлука за избор на најдобар видеоматеријал.

Со учеството на Конкурсот, учесникот изјавува дека видеоматеријалот претставува негово оригинално авторско дело и дека со неговото објавување не се повредуваат авторските или други права на трети лица, и ѝ дава согласност на Народната банка да го објавува видеоматеријалот на нејзината интернет-страница и на официјалните профили на социјалните мрежи и да го користи за целите на информирањето на јавноста и на финансиската едукација, при што ќе биде наведен авторот. Народната банка не презема одговорност за евентуалните повреди на авторските права од страна на учесниците, ниту за техничките проблеми поврзани со функционирањето на социјалните мрежи.

На авторот на најдобриот видеоматеријал објавен на социјалните мрежи ќе му се исплати парична награда во износ од 60.000,00 денари, нето. Персоналниот данок на доход за наградата е на товар на Народната банка.

Народната банка ќе ја извести јавноста за резултатите од Конкурсот преку соопштение објавено на интернет-страницата на Народната банка. Соопштението за јавноста ќе биде доставено и до медиумите и објавено на официјалните профили на Народната банка на социјалните мрежи.