Почитувани студенти,

Секоја година ФИНКИ е организатор на меѓународната научна конференција CiiT (International Conference on Informatics and Information Technologies) на која се презентираат трудови од најновите научни достигнувања на истражувачите од земјата и странство. Оваа година, конференцијата ќе се одржи во периодот 20-22.04.2018 во хотелот „Бистра“, кој се наоѓа во Националниот парк „Маврово“.

Како и секоја година, така и оваа, ФИНКИ им нуди можност за учество на своите студенти на конференцијата. Учеството може да биде преку студентски научен труд кој се однесува на проект кој сте го изработиле или пак на кој тековно работите. Проектот може да биде изработен во рамки на курсевите на факултетот, ваш самостоен проект или дел од ваша работа завршена за време на студентска размена/пракса.

Студентите кои се заинтересирани за учество на конференцијата најпрво треба на една страница да напишат кратко резиме (апстракт) за проектот и да го постават на страницата за прикачување најдоцна до 20.02.2018. Авторите кои ќе влезат во потесен избор ќе треба да го прошират краткото резиме во студентски труд (максимум 6 страни). За студентски трудови ќе се сметаат трудовите за кои при нивното праќање е избрано дека се од тип студентски труд. Сите потребни информации за форматот на трудовите и нивно поставување ќе ги најдете на официјалниот сајт на конференцијата http://ciit.finki.ukim.mk.  Рокот за поставување на студентските трудови е 18.03.2018. За повеќе информации, контактирајте нѐ на ciit@finki.ukim.mk.

Испратените студентски трудови ќе бидат евалуирани од избирачкиот одбор на конференцијата и најдобрите 10 ќе бидат наградени со бесплатно учество на конференцијата, кое вклучува котизација, едноднево сместување во хотелот „Бистра“ и превоз на еден претставник за секој труд.

Главните критериуми при евалуација на испратените трудови ќе бидат иновативноста, имплементацијата на најновите трендови во компјутерската наука и инженерство и коректна форма на техничко изразување. Студентските трудови ќе бидат презентирани во специјални студентски сесии и истите ќе влезат во изборот за најдобар студентски труд.

Освен презентацијата на вашата работа, учеството на конференцијата ќе ви овозможи и да се запознаете со работата на останатите колеги од факултетот и да уживате во пријатната атмосфера и амбиент на хотелот „Бистра“ и Националниот парк „Маврово“. Затоа, ве покануваме и охрабруваме да земете активно учество во конференцијата.

Со почит,

Организациски одбор на CIIT 2018.

 

 

1