Почитувани студенти,

ФИНКИ и оваа година е организатор на меѓународната научна конференција CIIT (International Conference on Informatics and Information Technologies) на која се презентираат трудови од најновите научни достигнувања на истражувачите од земјата и странство. Оваа година, конференцијата ќе се одржи во периодот 6-7.5.2021 како online настан.

Како и секоја година, така и оваа, ФИНКИ им нуди можност за учество на своите студенти на конференцијата, во посебна категорија на студентски трудови. Студентскиот научен труд треба да се однесува на проект кој сте го изработиле или пак на кој тековно работите. Проектот може да биде изработен во рамки на курсевите на Факултетот, да биде ваш самостоен проект или да биде дел од ваша работа завршена за време на студентска размена или пракса.

Студентите кои се заинтересирани за учество на конференцијата треба да напишат свој студентски труд на кој можат да бидат самостојни автори или пак да имаат други колеги студенти, професори, асистенти или истражувачи како ко-автори. Секој студентски труд треба да има студент како прв и главен автор на трудот.

Согласно објавениот повик за трудови (линкот Submissions на http://ciit.finki.ukim.mk), овие трудови треба:

      да го користат официјалниот template на конференцијата,

      да бидат максимум 4 страни,

      да бидат поднесени преку системот на EasyChair.

      при поднесувањето да биде назначено дека станува збор за Student Paper (за разлика од Full Paper и Short Paper).

Рокот за поднесување на студентските трудови е 31.03.2021.

Програмскиот комитет на конференцијата ќе направи рецензија, евалуација и селекција на поднесените студентски трудови и најдобрите 10 од нив ќе бидат наградени со бесплатно учество на конференцијата, кое вклучува само котизација поради фактот дека оваа година заради пандемијата со COVID-19 настанот е целосно online.

Главните критериуми при евалуација на испратените трудови ќе бидат иновативноста, имплементацијата на најновите трендови во компјутерските науки и инженерство и коректна форма на техничко изразување. Студентските трудови ќе бидат презентирани во специјални студентски сесии и ќе влезат во изборот за најдобар студентски труд.

Освен презентацијата на вашата работа, учеството на конференцијата ќе ви овозможи и да се запознаете со работата на останатите колеги од факултетот. Затоа, ве покануваме и охрабруваме да земете активно учество во конференцијата.

 

Со почит,

Организациски одбор на CIIT 2021.