ФИНКИ и оваа година е организатор на меѓународната научна конференција CIIT (International Conference on Informatics and Information Technologies) на која се презентираат трудови од најновите научни достигнувања на истражувачите од земјата и странство. Оваа година, конференцијата ќе се одржи во периодот 4-6.5.2023 година во хотел Монтана, Крушево.

Како и секоја година, така и оваа, ФИНКИ им нуди можност за учество на своите студенти на конференцијата, во посебна категорија на студентски трудови. Студентскиот научен труд треба да се однесува на проект што сте го изработиле или на кој тековно работите. Проектот може да биде изработен во рамки на курсевите на Факултетот, да биде ваш самостоен проект или да биде дел од ваша работа завршена за време на студентска размена или пракса.

Студентите кои се заинтересирани за учество на конференцијата треба да напишат свој студентски труд на кој можат да бидат самостојни автори или пак да имаат други колеги студенти, професори, асистенти или истражувачи како ко-автори. Секој студентски труд треба да има студент како прв и главен автор на трудот.

Согласно објавениот повик за трудови (линкот Submissions на http://ciit.finki.ukim.mk), овие трудови треба:

●      да го користат официјалниот шаблон на конференцијата,

●      да бидат максимум 4 страници,

●      да бидат поднесени преку системот на EasyChair.

●      при поднесувањето да биде назначено дека станува збор за студентски труд (Student Paper), наместо Full Paper или Short Paper.

Рокот за поднесување на студентските трудови е 25.3.2023 година.

Програмскиот комитет на конференцијата ќе направи рецензија, евалуација и селекција на поднесените студентски трудови и најдобрите 10 од нив ќе бидат наградени со бесплатно учество на конференцијата што вклучува платена котизација за настанот, превоз и сместување.

Главните критериуми при евалуација на испратените трудови ќе бидат иновативноста, имплементацијата на најновите трендови во компјутерските науки и инженерство и коректна форма на техничко изразување. Студентските трудови ќе бидат презентирани во специјални студентски сесии и ќе влезат во изборот за најдобар студентски труд.

Освен презентацијата на вашата работа, учеството на конференцијата ќе ви овозможи и да се запознаете со работата на останатите колеги. Затоа, ве покануваме и охрабруваме да земете активно учество во конференцијата.
 

1