Почитувани студенти,
Оваа година ФИНКИ ги реакредитираше сите свои студиски програми од прв циклус, усогласувајќи ги со Законот за високо образование. Според овој закон, наставните програми имаат најмногу 60% задолжителни предмети, 30% изборни предмети на ниво на факултет и до 10% изборни предмети од Универзитетска листа на слободни изборни предмети. Покрај тоа, сите предметни содржини се осовременити и ажурирани. Бројот на кредити на предметите е воедначен. Унифицирани се и содржините на предметите, така што промената на насока во иднина ќе биде многу поедноставена. Студентите запишани во прва година оваа учебна година (2013/2014) наставата ќе ја следат по новите наставни планови. Исто така сите студенти кои презапишуваат предмети од прва година, истите ќе ги следат според новите акредитации (предметите во прва година имаат воедначена содржина и променети имиња).
Студентите запишани во учебната 2011/2012 и 2012/2013 имаат можност со потпишување на изјава да се префрлат на новите студиски програми на истите насоки на кои се запишале. При тоа, ќе им биде извршена еквиваленција на предметите согласно табелите за еквиваленција. Табелите за еквиваленција, како и дополнителни информации можете да добиете во овој PDF документ.
Заради навремено спроведување на префрлањето и упишувањето на новиот
семестар, сите студенти кои сакаат да се префрлат треба:
- Најдоцна до 09.09.2013 година да го пополнат електронскиот прашалник достапен на оваа адреса (СИЦ)
- При уписот на семестар да пополнат и хартиена изјава дека се согласуваат да се префрлат.