Овој викенд во Скопје, на климатскиот камп, 9 тимови ќе се натпреваруваат за награда од 10.000 долари за борба против климатските промени и поттикнување на урбаната отпорност.
Во април годинава, УНДП и УСАИД објавија предизвик до сите граѓани да предложат иновативни идеи за справување со климатските промени. Организиран во партнерство со Амбасадата на Шведска, Министерството за животна средина и просторно планирање, Милиеуконтакт Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, предизвикот има за цел да ги искористи талентите на граѓаните како поддршка во остварување на Глобалните цели за одржлив развој поврзани со климатски промени и одржливи градови.
„Борбата против климатските промени е една од седумнаесетте Глобални цели усвоени од сите земји членки на Обединетите нации минатата година", изјави постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон. "Секоја земја и секој поединец има улога во оваа борба. Политиките и заложбите треба да се преточат во конкретни активности преку свежи идеи и ангажман од сите страни за нашите градови да станат побезбедни, позелени и почисти”.
„Фокусирани сме на урбаната отпорност бидејќи порастот на популацијата и урбанизацијата вршат сериозен притисок врз нашите градови. Проценките укажуваат дека до 2050 година, 70% од светската популација, или 6,3 милијарди луѓе ќе живеат во градовите, зголемувајќи ја побарувачката за енергија и загадувањето на воздухот,” изјави директорот на мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн. Во своето директно обраќање до финалистите додаде „Во сржта на овој отворен собир е активното учество на секој од вас, и на вашите заложби да ги преточите идеите во конкретни проекти кои ќе донесат вистинска промена.”
Повеќе од 60 идеи беа испратени за натпреварот, од кои 9-те најдобри се најдоа во потесниот избор за понатамошен развој.
Со среќа на сите и останете информирани за новостите од #ОдТебеЗависи.