Родена е во 1988 година во Загреб, Р. Хрватска. Дипломирала во 2012 година на Институтот за информатика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, по што истата година се запишала на магистерски студии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје на насоката интелигентни системи. Магистерската теза со наслов „Бајесова класификација на генска експресија кај колоректален канцер добиена со технологија на ДНК микрополиња имплементирана како SaaS во Облак “ ја одбранила во 2013 година и се стекнала со звањето магистер по информатички науки и компјутерско инженерство од областа интелигентни системи.
На докторски студии се запишала во септември 2014 и во 2019 година ја одбранила докторската дисертација со наслов „Процесирање биоелектрични и биоакустични сигнали за предвидување медицински состојби“, стекнувајќи се со научен степен - доктор по информатички науки.
Од 2010 е ангажирана како демонстратор, прво на Институтот за информатика при ПМФ, а потоа и на ФИНКИ. Краток период работи како асистент на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Од декември 2017 година работи на ФИНКИ. Во текот на работењето, активно е вклучена во неколку национални и меѓународни проекти. Добитник е на награда за најдобар труд презентиран на 25. симпозиоум DAAAD во Виена, Австрија, како и на FESTO-наградата за млад научник. Во повеќе наврати остварува научен престој на Институтот „Јожеф Стефан“ во Љубљана, Словенија, каде има прилика да работи во областа на развивање методи за обработка на биомедицински сигнали. Кратки студиски престои има и на UGA во Гренобл, Франција и на UCD во Даблин, Ирска. Автор и коавтор е на повеќе од 50 трудови, објавени на конференции и во признати меѓународни журнали.
Воглавно нејзиниот интерес е насочен кон развој на интелигентни системи во различни области како: процесирање на биомедицински сигнали, биоинформатика, пресметување во облак, биосензори, обработка на природни јазици, а во поново време и во роботика и микропроцесорски системи како дел од нејзиниот наставен ангажман.
Рецензија - ЛИНК.
Одлука за избор - ЛИНК