Комеморативната седница по повод смртта на професорот Драган Михајлов ќе се одржи на 25 Декември 2020 (петок) со почеток во 12 часот, онлајн, на платформата MS Teams, на следниот линк

 

 

 

 

 

 

Професор доктор Драган Михајлов беше наставник и научник во областа на информатиката и компјутерското инженерство и еден од основоположниците на студиите по информатика во државата.

По кусо боледување, почина на 12 Декември годинава, со што академската заедница загуби почитуван и драг колега.

Професор Михајлов е роден на 2ри Јануари 1949 во Скопје.
Дипломирал и магистрирал на Електротехничкиот факултет во Загреб во 1973 и 1975 година, а докторирал на Електротехничкиот факултет во Љубљана 1979 година.
Во периодот од 1973 до 1983 година работел во Математичкиот институт со нумерички центар при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде во 1982 година е избран за доцент. На Електротехничкиот факултеот во Скопје е вработен во 1983 како доцент. Во звањата вонреден и редовен професор бил биран во 1987 и 1992 година, соодветно. Во текот на својата работа имал повеќемесечни студиски престои на Електротехничкиот факултет во Загреб во 1974 година, на Електротехничкиот факултет во Љубљана во 1978 и на Одделот за биоматематика на Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес во учебната 1984-1985 година.
Држел настава по разни предмети од областите на интерес на додипломски и магистерски студии на повеќе факултети (Природно-математички факултет, Воена академија, Медицински факултет, Факултет за физичка култура, Факултет за драмски уметности, Институт за социолошки и политичко правни истражувања). Автор и коавтор е на повеќе од 150 трудови објавени на меѓународни конференции и списанија. Раководел и учествувал во повеќе научно-истражувачки и стручни проекти.