Задоволство ни е да објавиме дека Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ во Скопје успешно започнува со проектот за магистерски студии од областа на Применета Сајбер безбедност “Erasmus MUNDUS project for a Master of Science in Applied Cybersecurity”, насловен CyberMACS. Во проектот се вклучени Kadir Has University, Истанбул, Турција како координатор на проектот и SRH Berlin, Берлин, Германија како партнер. Дополнително, во проектот се вклучени и други извонредни партнери во академијата и индустријата во Турција, Северна Македонија, Германија, како и во Естонија и Холандија.
CyberMACS е двегодишна заедничка европска магистерска програма со 120 ЕКТС со фокус на „Применета Сајбер безбедност“. Обезбедува солидно знаење во Сајбер безбедноста, со фокус на обука на идни експерти за сајбер безбедност за откривање, спречување и управување со сајбер напади. Сите студенти се обучуваат за основите на сајбер безбедноста во првата година во Истанбул. Во втора година, студентите ќе се специјализираат и ќе одат или во Берлин или во Скопје. Дополнително, предвидено е учество на зимски/летни школи и задолжителна пракса. Наставата за специјализираните насоки, како што се Управување со сајбер безбедност, Напредни технологии во сајбер безбедноста во Берлин, и Криптологија и Веб и сајбер безбедност на ФИНКИ ќе се одвива на англиски јазик и студентите ќе ги завршат со двојна диплома. Времетраењето на проектот е 74 месеци и вклучува четири приеми почнувајќи од зимскиот семестар 2023/24.
Координатор на проектот е проф. д-р Hasan Dağ од Kadir Has University, а локални координатори се: проф. д-р Весна Димитрова од ФИНКИ и проф. д-р Reiner Creutzburg од SRH Berlin.
Во прилог документ со информации за магистерските студии.
Повеќе информации за проектот може да се најдат на http://www.cybermacs.eu.
За дополнителни информации може да се обратите на cybermacs@finki.ukim.mk.
Еnglish version