Милена Трајаноска е родена во Скопје 1999 година. Средно образование завршува во гимназијата „Раде Јовчевски - Корчагин“ со одличен успех како првенец на генерација.
Дипломира на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во 2022 година со дипломски труд „Предвидување на глобални конфликти меѓу држави преку мрежно моделирање на нивните интеракции“ под менторство на проф. д-р Димитар Трајанов. Добитник е на признанието „Инженерски прстен“ и наградена е од универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како најдобар студент на генерацијата.
Паралелно со студиите, повеќе години работи во индустријата како инженер за машинско учење и архитект на софтверски решенија. Соработник е на неколку софтверски проекти со отворен код. Има искуство со изработување на решенија од областа на процесирање на природни јазици и компјутерска визија.
Во учебната 2022/2023 година се запишува на магистерски студии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство на насоката Управување во информатички технологии. Во 2023 година во февруари е избрана за демонстратор на факултетот.
Полињата на нејзин научно-истражувачки интерес вклучуваат: процесирање на природните јазици, големи јазични модели, компјутерска визија, наука за податоци, пресметување во облак, MLOps и софтверски архитектури.