
Полето на информациските технологии, како и индустријата поврзана со него, е во постојан подем. Ова ниво на раст диктира подобрување не само на услугите и производите што компаниите ги нудат, туку и на наставно - научните институции кои што ги подготвуваат идните компјутерски инженери и научници.
Соработката на факултетот со сите поголеми и позначајни компании во овој сектор влијаеше двострано; од една страна, се подобруваа и осовременуваа наставните програми, како и индивидуалните предмети, а од друга страна, практикантите и нововработените инженери кои што потекнуваат од Факултетот позитивно делуваа врз квалитетот на работата на самите компании.
Од посебно значење е соработката на Факултетот со компанијата Blizoo, како еден од најголемите добавувачи на интернет врска во Македонија; а, соработката на Факултетот со државните институции како Советот за Радиодифузија, градот Скопје и Агенцијата за разузнавање на Република Македонија е единствена од ваков тип во нашата држава. Исто така, пред кратко време, Факултетот склучи договор за соработка со престижниот Бостон Универзитет, која што, помеѓу другото, ќе им овозможи на пет од нашите најдобри студенти да се запишат таму на студии во траење од еден семестар, со целосна стипендија.
Освен тоа, квалитетот на наставата на Факултетот, како и инженерите кои што се подготвуваат на истиот, беа значаен дел од новодонесената одлука на една успешна турска компанија да отвори своја канцеларија во нашата држава. Истата таа компанија, под името SolidPass Security, претставува една од водечките сили во полето на информациската безбедност и автентификација, како и во развојот на иновативни мобилни системи за генерирање на код за најголемиот број на мобилни платформи. Компанија во која што работат инженери од повеќе држави од светот, компанија која што за нејзиниот нов оддел одбра да вработи претежно студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство; студенти во последната година од нивните студии, но и некои кои штотуку ја завршија првата година од нивното студирање.
Овие придобивки не поминуваат незабележително и кај младите, кои што пројавуваат поголем интерес за информациските науки од било кога досега. Минатата година на Факултетот се запишаа повеќе од 650 студенти во прва година на додипломските студии, а се очекува оваа година истата бројка значително да се надмине. Сепак, Факултетот најмногу се гордее не со бројот на новозапишаните студенти, туку со квалитетот кој што голем број од нив го покажуваат уште на самиот почеток на студирањето, како и со успехот што нашите дипломци го уживаат во професионалниот живот.
Квалитетното образование е вашиот прв чекор на патот кон квалитетната и успешна кариера. Вложувајќи во него, вие инвестирате во самите себеси. Затоа, вложете мудро и продолжете го вашето образование на најголемиот и најквалитетниот Факултет за информатика во нашата држава.