Македонската репрезентација освои два бронзени медала и две специјални пофалби на 23. Интернационална олимпијада по информатика во Тајланд, во конкуренција на 78 репрезентации со вкупно 301 натпреварувач. Овој успех е досега најдобар резултат на македонските натпреварувачи, постигнат на Интернационалната олимпијада, која е престижен натпревар во алгоритамско програмирање во кој секоја година учествуваат репрезентации од повеќе од 80 земји во светот.
 
Овогодинешниот тим го сочинуваа Предраг Груевски (бронза), Христијан Богоевски (бронза), Дејан Божиновски и Јован Крајевски, предводени од Бојан Костадинов и Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичарите на Македонија и асистент на ФИНКИ.    
 

 width=

 
Покрај Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ, кој беше еден од спонзорите на натпреварите организирани од ЗИМ, дел од трошоците за патувањето на тимот беа покриени и од компаниите Нетцетера, Сивус и Мајкрософт и со волонтерско учество на членови од ЗИМ.
 

 width=

 
Ваквата соработка и постигнатите резултати се само потврда на фактот дека навистина вреди да се инвестира во младите македонски информатичари и воопшто во информатиката во нашата земја. Трудот кој ЗИМ го вложува постојано е за пофалба, заслужува поддршка и веќе најавува дека и во иднина да бидеме сведоци на вакви и слични успеси на нашите натпреварувачи.