Миле Јованов е роден 1980 година во Кавадарци, каде завршил основно и средно образование како најдобар ученик во генерацијата. Дипломирал на Институтот за информатика при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје во 2002 година, како најдобар студент на факултетот. Магистрира на ПМФ во 2009, а докторира на ФИНКИ во 2013. По дипломирањето бил назначен за демонстратор на Институтот. Од 2005 година е вработен како помлад асистент/асистент на ПМФ, при формирањето се префрла на ФИНКИ, каде е избран во звањето доцент во 2014, вонреден професор во 2018 година и редовен професор во 2023. На ФИНКИ бил Раководител на Институтот за Интелигентни системи. Изведувал настава на дваесетина предмети на додипломските, магистерските и докторските студии. Ментор е на два докторанти и на повеќе дипломски работи, а автор е на петнаесетина учебници/прирачници.
Бил организатор и/или претседавач на дваесетина конференции, семинари и работилници од меѓународен карактер, а автор е на повеќе од 70 научни публикации од областа на информатичка едукација, натпреварувачко програмирање, семантички веб и интелигентни системи, објавени во меѓународни списанија/конференции. Тој е едитор на интернационално списание и член на програмски одбор во неколку реномирани меѓународни конференции. Учествувал/ко-раководел со повеќе меѓународни проекти.
Од 2003 е во комисиите за натпревари по информатика, од 2008 година е организатор на натпреварите, а од 2009 е и Претседател на Здружението на информатичарите на Македонија. Водел македонски тимови ученици на повеќе од 30 изданија од врвните меѓународни натпревари по информатика (Интернационална олимпијада (ИОИ), Балканска олимпијада (БОИ), Европска и Балканска јуниорска олимпијада) со освоени повеќе од 80 медали. Од 2014 година е Претседател на БОИ, а од 2015 е избран член на интернационалниот комитет на ИОИ. Претседавал/организирал десетина изданија на балканските олимпијади. Учествувал во изработката на десетина наставни програми по информатичките предмети во основното и средното државно образование, и во повеќе владини комисии за стратегии и иновации во образованието, а е еден од иницијаторите на новата Математичко-информатичка гимназија за талентирани ученици во Скопје.
Рецензија - ЛИНК.
Одлука за избор - ЛИНК