Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје има континуирана заложба да ја поддржува научноистражувачката работа. Секоја година на Светскиот ден на науката за мир и развој, 10-ти Ноември, се доделува Награда за избор на најдобри научници/уметник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за покажани врвни резултати во научноистражувачката дејност во текот на календарската година.

Одборот за доделување на Наградата за избор на најдобри научници/уметник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за 2020 година, врз основа на објавен Конкурс, а по предлог на Комисијата за наука на Универзитетот, донесе Одлука за избор на најдобри научници/уметник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за 2020 година.

Во областа на техничко-технолошките науки, како најдобар научник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за 2020 година е избран д-р Ефтим Здравевски, доцент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Во 2020 година доц. д-р Ефтим Здравевски има објавено 25 трудови во списанија со фактор на влијание со вкупен фактор на влијание 64,56 и вкупен Scopus Cite Score 99,4, како и 16 публикации во зборници на трудови од меѓународни конференции. Доц. д-р Ефтим Здравевски е дел од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од неговото основање во 2011 година. Неговите научни интереси и активности се во областите на машинско учење, паралелни алгоритми, анализа на временски серии и нивната примена кај големи податоци од повеќе домени.

Доделувањето на оваа награда на доц. д-р Ефтим Здравевски, уште еднаш докажува дека Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство е една од водечките институции во научно-истражувачката дејност во регионот и дека е институција во која работат најдобрите кадри од техничко технолошките науки.

Во рамки на настанот кој го организира УКИМ по повод Светскиот ден на науката за мир и развој, ќе се одржи и доделувањето на наградите на 10-ти Ноември 2021 (среда) со почеток во 13:00 во свечената сала за седници на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Настанот може да се следи преку видеоконференциската платформа ZOOM на линкот: https://us02web.zoom.us/j/83223326322?pwd=blJjd2JzM2VJK1FFV2lKcjIvNG5vZz09#success

1