Роденa е 1974 година во Скопје. Основното и средното образование го завршила во Скопје, со континуиран одличен успех. На студиите по информатика на Институтот за Информатика при ПМФ, применета насока дипломирала во јуни 1997 со дипломска работа од областа криптографијата под наслов “Софтверска реализација на безбедна комуникација со C модули под UNIX” под менторство на проф. д-р Смиле Марковски, редовен професор на ПМФ. Во текот на школувањето примала стипендија за талентирани ученици и студенти. Во мај 2005 година јавно го одбранила нејзиниот магистерски труд под наслов „Квазигрупни трансформации и нивни примени“ под менторство на проф. д-р Смиле Марковски, а во ноември 2010 јавно ја одбранила и нејзината докторска теза под наслов “Квазигрупно процесирани низи, нивна Булова презентација и примена во криптогафијата и теоријата на кодирање” исто така под менторство на проф. д-р Смиле Марковски и се здобила со звањето доктор на информатички науки. Од април 2000 година е вработена како стручен соработник на Институтот за информатика при ПМФ. Во февруари 2011 година е избрана за доцент на Институтот за Информатика. Во текот на својот ангажман на Институтот за информатика, држела вежби по 14 предмети. Има подготвено електронски учебни материјали за повеќе предмети. Од странските јазици зборува и пишува англиски јазик, разбира германски и руски јазик. Научното поле на интерес е криптографијата, посебно квазигрупните трансформации и нивната примена во криптографијата. До сега има објавено 19 научни труда и има учествувано со свои излагања на преку 30 конференции, симпозиуми, конгреси, семинари, школи и работилници. Била еден од предавачите на школата “Algebraic Structures and their Applications in Codding theory and Cryptography” во Охрид, 2009 во рамки на DAAD проект. Има неколку академски престои: во Johannes Kepler University, во Линц, Австрија, во Бугарската Академија на науките, во Софија, Бугарија, во South Bank University во Лондон, Велика Британија и др. Била член во 8 домашни и меѓународни проекти. Покрај активната дејност во наставната и научно-истражувачката работа, има и голема стручно-професионална дејност. Има објавено 9 стручни труда, два технички извештаи и два постера за конференции. Ја има преведено и рецензирано книгата од областа на криптографијата “Практична криптографија”. Член е на Здружението ICT-ACT, на Здружението на Информатичарите на Македонија и на центарот за Дигитизација на Националното Наследство на Македонија на Институтот за информатика при ПМФ. Била член во организација на три меѓународни конференции и е уредник на проширената книга апстракти на една меѓународна конференција.