Лабораторија за интелигентни системи
раководител проф. д-р Невена Ацковска
Лабораторијата за интелигентни системи започна со работа во 2009 година на Институтот за Информатика, при Природно - математичкиот факултет во Скопје. Основачи на лабораторијата се проф. Невена Ацковска и проф. Ана Мадевска Богданова. Во 2011 година, при основањето на Факултетот за Информатички науки и компјутерско инженерство, лабораторијата за интелигентни системи стана дел од оваа престижна институција. Лабораторијата располага со повеќе роботи (Слика 1), голем број на сензори, актуатори, компјутерска опрема, делови за градење на вградени системи, опрема за био-медицински и биоинформатички истражувања, опрема за градење асистивни технологии и др. Најголемиот дел од опремата е набавена со помош на повеќе македонски компании, дел од опремата е набавена преку проектите поддржани од оваа лабораторија, но и преку индивидуални донации.
Целта на оваа лабораторија е да им овозможи на истражувачите да истражуваат напредни концепти од областа на интелигентните системи, како подобрување на перформансите на интелигентните системи, развој на алгоритми кои доведуваат до поинтелигентно однесување на вештачките системи, дигитално процесирање витални сигнали, биологизирање на вештачките системи, како воведување на концепти како емоции и самоучење кај вештачките системи, подобрување на алгоритмите кои се користат во биоинформатиката, надградување на живите суштества со хардверско – софтверски системи и др. Во оваа лабораторија се развиваат и хардверско - софтверски решенија за подобрување на асистивните технологии, преку интелигентно надградување на алатките кои би ги користеле специфични целни групи на луѓе, меѓу кои постари корисници, корисници со различни видови на физичка или ментална оневозможеност, дечиња со аутизам, деца со Даунов синдром, корисници од специфичен апликативен домен (како здравство, воени апликации) и др.
Истражувачите кои во текот на годините истражувале во оваа лабораторија се дел од повеќе меѓународни проекти преку коишто оваа лабораторија ги развивала своите хардверски и софтверски решенија. Дел од нив се НАТО EAP.SFPP984753 – SIARS, НАТО SPS, G5825 - SP4Life, Еразмус + проектот Синергија меѓу хуманоиден робот и личен мобилен уред како нов вид на интервентни алатки кај деца со аутизам (СМАРТ), билатералниот проект „ Објаснива вештачка интелигенција за примена на компјутерска визија во вградни системи“, како и повеќе национални проекти. НАТО проектите овозможија збогатување на лабораторијата со нови елементи (Слика 2), како што се пакетот e-Health Sensor Shield V2.0, биосензорот Zephyr Bioharnes3, сензор за мерење SPO2 итн, како и развивање повеќе апликации за телемедицински системи. Во проектот СМАРТ беше развиена алатка којашто ја поддржува терапијата на малите деца со аутизам која се одвива со помош на робот (Слика 3). Во оваа лабораторија направени се повеќе решенија за општествено - одговорни и здравствени организации, како „Отвори ги прозорците“, Детската клиника во Скопје и др.
Истражувачите од лабораторијата за интелигентни системи го овозможиле изведувањето на повеќе школи и работилници. Дел од нив се DAAD школата за Роботика и Математика (2012), летниот камп по Основи на Роботика (2013) поддржан од Министерството за образование и наука, како и интензивниот курс по Когнитивна роботика (2015).
Табела со слики
Слика 1 |
Слика 2 |
Слика 3 |
Слика 4 |
Слика 1 – Дел од роботите во лабораторијата за интелигентни системи
Слика 2 - Сензори и апликација во рамки на проектот SIARS
Слика 3 – Терапија за деца со аутизам, користење на асистивни апликации кои поддржуваат роботски елементи