Почитувани студенти,
Заради заштита на јавното здравје, здравјето на студентите и нивните најблиски, како и здравјето на вработените и ангажираните лица на факултетот, а со оглед на големиот број студенти и природата на испитите, имајќи во предвид дека студентските домови не се отворени и јавниот превоз е ограничен и ризичен, на седницата на Наставно-научниот совет на ФИНКИ беше донесена одлука за далечинско полагање на испитите во Јунската испитна сесија 2020 преку електронски средства за комуникација. Истата ќе започне на 15.06.2020, а ќе трае до 15.07.2020, со можност да биде продолжена доколку за истото има потреба.
Колоквиумската недела ќе заврши на 08.06.2020, а период од 09-14.06 ќе се искористи за тестирање и оптимизирање на инфраструктурата за далечинско полагање кај студентите и во Факултетот.
Владата на РСМ досега објави неколку тековни протоколи за одржување на семинари, средби и состаноци. Во тек е објава и на протокол за работа на високо-образовните установи каде се пропишани строги мерки за работа со заштитни механизми. Согласно нашите анализи, инфраструктурата каде привремено е сместен ФИНКИ не ги задоволува условите за испити со физичко присуство пропишани во протоколите, а применети на нашиот обем и тип на работа. Согласно уредбите, од 9-те компјутерски лаборатории на факултетот, услови за изведување на испити според протоколите има само во две лаборатории, со намален капацитет на истите. Од училниците кои ги споделуваме со соседните факултети на кампусот, само четири поголеми простории во одредена мера ги задоволуваат условите, повторно со намален капацитет. Дополнително, според протоколите, потребна е постојана дезинфекција на просториите и опремата и нивно постојано проветрување, за што се потребни дополнително време кое повторно одзема од капацитетите, комплексна логистика и дополнителни човечки ресурси.
Со оглед на сето тоа, во понатамошниот текст е извадок од одлуката кој се однесува на далечинското полагање на испитите:
Испитите, колоквиумите и другите облици на проверка на знаење на факултет се реализираат далечински преку електронскиот систем на факултетот доколку ги исполнуваат условите од член 4 од Правилникот за начинот на реализација на дејностите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и единиците во неговиот состав согласно со мерките на надлежните органи во Република Северна Македонија за спречување на внесување и ширење на коронавирусот CoVid-19.
По исклучок од став 1, испити со физичко присуство можат да се спроведуваат на факултетот (во крајно ограничен број простории кои ги задоволуваат условите од протоколите на владата) само за студенти кои претходно ќе се пријават дека немаат технички можности за електронско полагање од дома. Пријавувањето за немање техничка можност се однесува на сите испити во таа сесија, а не на поединечен предмет. Испитите со физичко присуство се спроведуваат во компјутерските лаборатории на факултетот преку електронскиот систем на факултетот (онлајн) на ист начин, односно ист тип задачи, исти услови како студентите кои полагаат онлајн од дома. Зависно од условите и бројот на студенти кои немаат технички можности за полагање од дома испитите со физичко присуство ќе се одвиваат во исто време кога ќе полагаат и сите останати студенти или во дополнителен термин кој ќе биде дополнително одреден доколку постојат услови за тоа. При физичкото доаѓање на студентот треба да пополни епидемиолошка анкета и да ги почитува протоколите од владата за постапување на високообразовните установи при изведување на испит во време на коронавирус кризата (носење заштитни средства и други инструкции според протоколите кои ќе бидат дополнително објавени). Студентите кои ќе се пријават за полагање со физичко присуство ќе немаат право да ги полагаат испитите далечински во целата сесија.
Условите за далечинско полагање за студентите опфаќаат компјутер со интернет врска, инсталиран софтвер Safe Exam Browser, камера или мобилен телефон со камера и дополнителен бесплатен софтвер во зависност од предметот кој се полага. Согласно одлуката, сите студенти кои немаат или не можат да обезбедат услови за далечинско полагање на испитите во јунската сесија, потребно е да испратат е-маил порака до ispiti@finki.ukim.mk за да се организираат услови на факултетот за полагање за нив најдоцна до Сабота, 30.5.2020.
Поради моменталната ситуација и условите, Факултетот одлучи дополнителните термини за полагање, како замена за немањето колоквиуми, за предметите од летен семестар, наместо во оваа јунската сесија, да бидат во септемвриската сесија, кога се надеваме дека ќе имаме повеќе опции во зависност од тековната ситуација. Почетокот на сесијата ќе биде утврден и навремено објавен.