Шведската амбасада, во соработка со канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, во партнерство со НВОи од областа на граѓанскиот и женскиот активизам, независни експерт(к)и, и академската сфера, како и со поддршка на тимот на Споделено знаење - Викимедија Македонија (Википедија на македонски јазик), На 30 септември 2020, со почеток од 17:00 часот, организира трето издание на WikiGap edit-a-thon за зголемување на бројот на текстови за истакнати жени од Северна Македонија и од светот, или значајни настани за родовата еднаквост на Википедија, овојпат со посебен акцент на жените во медицината и медицинските истражувања.

Со оглед на пандемијата со Ковид19 овојпат настанот ќе биде целосно онлајн, а веднаш по настанот ќе стартува уредувачка недела (01-07 октомври) со натпреварувачки карактер, во која најуспешните ќе бидат наградени.

Идејата е да профилираме жени од Северна Македонија и од светот кои дале значаен придонес во различните полиња на медицината - и во праксата, но и во науката и истражувањето - особено жени за кои не може лесно да се најдат податоци на македонски јазик. 

На овој начин сакаме да им оддадеме признание и благодарност за нивната пожртвувана работа во справувањето со Ковид19 пандемијата.

Статиите ќе бидат на македонски јазик и можат да бидат од два типа: а) статии за жени за кои нема статија на Википедија (или е многу оскудна), чија содржина ќе биде создадена врз основа на стручна литература и сигурни и веродостојни извори; б) преводи на веќе постоечки статии за жени на Википедија од англиски (или друг јазик) на македонски јазик.

Кој може да земе учество?

На уредувачкиот маратон може да учествуваат сите заинтересирани млади лица, студент(к)и и млади активист(к)и кои сакаат да придонесат за намалување на родовиот јаз во онлајн просторот и зајакнување на застапеноста на жените во онлајн Википедија енциклопедијата на македонски јазик.  За нивното учество ќе добијат сертификат од шведската амбасада. Оние пак кои ќе се вклучат и во натпреварувачката недела ќе имаат можност да добијат и награда. Повеќе информации за уредувачката недела и наградниот фонд може да се добијат на фејсбук страницата за настани посветена за ова издание на ВикиГап, како и на страницата на Википедија посветена за третото издание на ВикиГап.

По потврдата за учество и пред настанот, волонтер(к)ите ќе треба да се регистрираат на Википедија како уредувач(к)и (доколку немаат веќе кориснички профил), најдоцна до два дена пред самиот настан. Потоа ќе им биде испратена е-пошта со практични информации за настанот.

Бројот на учесници ќе биде неограничен. Учесниците ќе имаат и можност да продолжат да создаваат, уредуваат и преведуваат статии и во периодот по настанот, и по завршувањето на натпреварувачката уредувачка недела.

Доколку сакате да бидете дел од оваа иницијатива, ве покануваме да се регистирате на следниот линк до четврток, 17 септември: https://bit.ly/34mjUOK

Ајде да го затвориме родовиот јаз на Википедија!

 

#WikiGap #DriveForDemocracy

1