ФИНКИ го одржа првиот час за академската 2019/20120. Оваа академска година се запишаа нови 1.062 студенти.

Деканот Иван Чорбев им ги додели првите индекси на осумте најдобро рангирани студенти стипендирани од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а беа врачени и индексите на стипендистите на ФИНКИ кои имале успеси на државните натпревари во тек на средното образование.

1_4.jpg

Деканот им порача дека го направиле вистинскиот чекор со тоа што го избрале ФИНКИ, факултетот кој е водечки во регионот.

Од студентите во салата, една третина од имаат над 90 поени при рангирањето, а 2/3 над 80 отсто. Вие сте кремот на македонската младина, најдобрите матуранти од оваа генерација. Убеден сум дека во овие редови седат идните технолошки лидери, креатори на нови чуда на 21 век со кои нашата земја ќе се гордее - рече Чорбев.

На младите им се обрати и Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Тој нагласи дека младите треба да ѝ дадат шанса на државата, а и таа ним и дека заминувањето не треба да им биде единствената опција.

- Стотина стартап-компании веќе користат средства од државата и развиваат помалку или повеќе успешни проекти. Дел од нив се дипломци токму на овој факултет - посочи Деспотовски.

Особено инспиративен говор имаше Горјан Јовановски, дипломец на ФИНКИ, познат по тоа што ја создаде апликацијата „Мој воздух“. Тој е на мастер-студии во Амстердам. На студентите им даде три важни совети:

- Посветете се на учењето и соработувајте со вашите колеги и професори! Ќе има многу за учење, ама ФИНКИ ќе ви нуди многу практично учење. Во моите четири години немаше класично учење, бубање, туку навистина многу практично знаење кое може да го примените и дури учите и подоцна. Професорите на овој факултет ви се пријатели.

- Работете на проекти додека студирате! За време на студиите работев на повеќе проекти. Кога учите на факултет, тоа е солидна основа за многу сфери во информатиката, но секако останува на вас да продолжите да добивате дополнително знаење во практична смисла. По четири години начинот на кој ќе можете да се издвоите е да имате богато портфолио во вашата дополнителна работа. Студирате информатика, која ви дозволува да работите многу додека учите.

- Зачленете се во студентските организации - тоа се прекрасни места за запознавање колеги, за унапредување на меките вештини, за дружба и прекрасни можности.

2_2.jpg

На студентите им се обрати и Томе Ефтимов, кој минатата година беше прогласен за најдобар млад научник од нашата држава, а денес е постдокторски истражувач на универзитетот „Стенфорд“.

- Во 2007 година се запишав на Електротехничкиот факултет, а на магистерски на ФИНКИ и никогаш не замислував дека еден ден ќе бидам дел од „Стенфорд“. Ова стана реалност. Студирањето ќе ви личи како да се возите на ролеркостер. Ако никогаш не се качите на него, нема да го спознаете ова искуство. Успесите ќе бидат последица на огромен број падови. И сето тоа ќе биде проследено со солзи, но во едно бидете сигурни - само храбрите луѓе плачат. Не заборавајте, никогаш не е важно колку бавно се движите сѐ додека не се откажувате од целта. Бидете тоа што сте, а не нешто што сака некој друг. Верувајте во себе и своите можности. Само така тие соништа ќе станат убаво јаве. По завршувањето на ова патување голем дел ќе завршат во оваа индустрија - рече Ефтимов.

Анита Никова, извршен директор на МАСИТ (Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии), низ факти од ИТ-секторот им објасни на студентите зошто не згрешиле во изборот за студирање.

3_4.jpg

- Дури и да заминете во странство, најважно е да се вратите дома и да го имплементирате наученото дома. Бидете граѓани на светот, а живејте дома. Имаме 14.500 вработени во ИТ-индустријата, која бележи раст од 7 отсто од 2017 до 2018 година. Просечната плата изнесува 60.000 ден во мај - рече таа.

 

0