На ден 19.12.2022г (Понеделник) со почеток во 11:00ч во Амфитеатар на ФИНКИ, претставници на групацијата Лимак ќе одржат презентација на иницијативата GEG и ќе ги претстават можностите за парични стипендии и менторска поддршка на студентките од Факултетот за информатички науки и инженерство
Групацијата Лимак почнува да ја спроведува иницијативата Global Engineer Girls (GEG) во Македонија, заедно со стратешките партнери - Министерството за образование и наука и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Oсновна мисија на GEG иницијативата е да обезбеди ефективна поддршка за девојките и младите жени кои сакаат да бидат инженери да стекнат соодветно практично искуство и да изградат кариера во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката, позната како СТЕМ област.
За да ја исполни оваа мисија, GEG North Macedonia ќе обезбеди стипендии за девојки кои се запишале и студираат на инженерски факултети на државните универзитети во земјава. Дополнително, GEG ќе обезбедува и програми за менторство и развој на вештини, како и можности за практикантска работа за младите жени - инженери.
Целта на овие активности е да се намали постојниот родов јаз во СТЕМ областа во земјава, со тоа што ќе се зголеми учеството на жените во овие сектори и занимања кои историски се доминирани од мажите.