Реализиран научноистражувачки проект за универзитетски електронски сервиси

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство е носител на научноистражувачкиот проект „Универзитетски електронски сервиси за водење на интерни процедури за факултетско работење“, со акроним ИФС.

Проектот е финансиран од интегративните средства на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во научноистражувачкото подрачје информатичко-комуникациски технологии, односно во полето компјутерска техника и информатика. Времетраењето на проектот е 12 месеци.

Целта на проектот е развој на софтверско решение и електронски сервиси за водење на интерни процедури за факултетско работење. За таа цел, во рамките на проектот најпрво биле анализирани барањата и потребите на корисниците, преку собири и интервјуа со заинтересирани страни. По завршување на анализата, корисничките барања биле сумирани во документ кој служел како основа за следните фази од развојот.

Врз основа на сумираните кориснички барања, било дизајнирано софтверско решение со потребните модули и функционалности. Потоа следувала имплементација на систем за следење и менаџирање со проекти и изготвување на временски извештаи. Системот бил имплементиран, тестиран и испорачан.

Според наративниот извештај, сите активности предвидени со проектот се реализирани, а целите и индикаторите се остварени. Системите имплементирани во рамките на проектот се функционални и се дел од електронските сервиси на вработените на ФИНКИ и на студентите.

Корисници на решенијата реализирани со овој проект се вработените и студентите на ФИНКИ.

Главен истражувач на проектот е вон. проф. д-р Ристе Стојанов, а во истражувачкиот тим учествуваа:

  • проф. д-р Боро Јакимовски;
  • вон. проф. д-р Магдалена Костоска;
  • вон. проф. д-р Петре Ламески;
  • м-р Горан Петковски;
  • м-р Кирил Ќироски;
  • дипл. инж. Славе Темков.
0