Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го доби проектот “ВЕЗИЛКА : Национална ВИ Фабрика Антена на Северна Македонија”, кој е избран за финансирање во рамките на иницијативата EuroHPC  и програмата Horizon Europe. Институционални поддржувачи на проектот се Министерството за дигитална трансформација (МДТ) и Владата на РСМ.  Вкупна вредност на проектот е околу 6 милиони евра ќе биде финансиран од ЕУ а кофинансиран од МДТ, Владата на РСМ и ФИНКИ. 

Преку проектот Везилка, стануваме дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција, што претставува значаен чекор за зајакнување на националните дигитални капацитети и интеграција во европската истражувачко-иновациска инфраструктура. На овој начин, државата ќе обезбеди пристап до напредни алатки, податочни простори и компјутерски ресурси за стартапите, компаниите, истражувачите како и за институциите. 

Проектот ВЕЗИЛКА има за цел да изгради национален екосистем за одговорна и доверлива вештачка интелигенција, насочен кон примена во пет клучни сектори: 

  • Здравство – подобрување на медицинските услуги и анализа на здравствени податоци; 
  • Енергетика – оптимизација на производство и потрошувачка на енергија и предвидување на побарувачката; 
  • Јавна администрација – автоматизација на административни процеси и зголемена транспарентност; 
  • Јазик и култура – развој на македонски јазични модели и дигитална заштита на културното наследство; 
  • Земјоделие – примена на паметни технологии за модерно и одржливо земјоделство 

Проектот Везилка е поставен поставен како придружен центар на Фабриката за Вештачка Интелигенција „Фарос“ (Pharos AI Factory) во Грција, со што ќе обезбеди директен пристап до европски суперкомпјутери за ВИ, и со тоа ќе овозможи развој, тренирање и тестирање на напредни модели на вештачка интелигенција. 

Покрај техничката инфраструктура, Везилка ќе создаде национален центар за консалтинг, обука и поддршка во областа на ВИ, фокусирајќи се на развој на човечки капитал како и на трансфер на знаење и иновации. Проектот ќе реализира голем број на обуки за зголемување на вештините, подобрување на продуктивноста и подготовка на пазарот за ерата на ВИ. 

„Везилка“ е фундаментален национален проект кој ќе ја подржи дигиталната и економската трансформација, и има за цел да ја позиционира нашата држава како центар за одговорна и одржлива примена на вештачката интелигенција. 

 

1