11/07/2011

На годинешната Балканска олимпијада по информатика која е 19-та по ред и се одржа во Бистрица, Романија, од 03.07 до 09.07, учествуваа 39 од најдобрите средношколци од југоисточна Европа од областа на компјутерските науки, кои се одбрани преку националните натпревари во програмирање во 11 земји. Оваа година како претставници од Македонија учествуваа Предраг Груевски, Христијан Богоевски, Дејан Божиновски и Јован Крајевски предводени од лидерите м-р Миле Јованов, претседател на Здружението на Информатичарите на Македонија и асистент на ФИНКИ и Емил Станков, асистент на ФИНКИ. Сите наши учесници се вратија со бронзен медал.
Паралелно со настанот се одржа и 5-тата Јуниорска балканска олимпијада по информатика, на која четиричлениот тим го сочинуваа Климент Серафимов и Филип Бујаровски од Скопје, Михаил Денковски од Куманово и Денис Мазникар од Штип, под раководство на лидерите д-р Невена Ацковска, доцент на ФИНКИ и Васја Павлов, студент на ФИНКИ. И овој тим се враќа со 2 освоени бронзени медали од Денис Мазникар и Филип Бујаровски.
