30/04/2013

Министерството за образование и наука во соработка со Факултетот за Информатички науки и компјутерско инженерство, Технолошко – металуршкиот факултет, Машински факултет објавува конкурс за двонеделен летен камп за талентирани млади. Кампот ќе се одржи од 10 до 24 јуни 2013 година во Хотел 'Молика', Пелистер, Битола.
Право на пријавување имаат талентирани ученици кои се втора или трета година средно образование, како и учениците кои минатата година беа добитници на четирите стипендии за летниот камп за талентирани млади (Center for Talented Youth, Johns Hopkins University) во Соединетите Американски Држави.
Подетални информации за летниот камп, како и за курсевите можете да добиете на веб страната на кампот, а информации за начините и условите за аплицирање можете да добиете на Конкурсот за избор на стипендисти за двонеделен летен камп за талентирани ученици.
Летен камп: Основи на роботика
Курсот по основи на роботика, кој ќе се одржи во рамките на летниот камп за талентирани ученици, има цел да ги поттикне иновативниот дух, желбата за стекнување нови знаења од областа на роботиката, да го објасни значењето на спојување на софтверот со хардверот за идните компјутерски инженери преку теоретски предавања, лабораториски вежби на реални роботи и истражувања.
Овој курс на учениците ќе им овозможи да ги продлабочат познавањата кои ги имаат од областа на програмирање и роботика, а практичната страна на овој курс ќе им овозможи да научат да размислуваат како комплетни компјутерски инженери, со познавања и од проблемите на софтверот и од хардверот.
Доколку кандидатот успешно го заврши курсот ќе се стекне со соодветен сертификат како и 2 ЕКТС кредити од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) од Скопје.
Критериуми:
- Оценки по предметите математика, физика и информатика
- Награди и пофалници од домашни и меѓународни натпревари од овие три предмети ќе се сметаат за предност
- Квалификациски испит. За финална селекција на кандидатите ќе се организира квалификациски испит од страна на ФИНКИ кој ќе се состои од теоретски испит со прашања и задачи по предметите математика (тригонометрија, алгебра), физика (основи на кинематика и динамика) и основи на програмирање (структурно програмирање во програмски јазик по избор на ученикот). Квалификацискиот испит ќе се одржи на 27.04.2013 (САБОТА), а ќе започне во 10:00 ч, во Амфитеатарот на Технолошко-металуршкиот факултет.