20/01/2012

Компанијата Камај Медиа, во соработка со ФИНКИ, организира напреден курс за работа во програмскиот јазик C++. На курсот ќе бидат обработувани напредни концепти на професионалната работа во C++ со дополнителен фокус на вештините и практиките на т.н. добро (вешто) програмирање. Повеќе информации се дадени во продолжение.
Камај Медиа, во својата постојана потрага по индивидуи, карактери, луѓе кои ставаат места на мапи, трасираат патишта низ непробојни џунгли, намалуваат ентропија во Универзумот и ја зголемуваат работната ефикасност –во соработка со ФИНКИ, организира високо експериментален курс за развивање и оштрење на програмерска вештина во програмскиот јазик C++.
Вознемирени од апсолутно незаслужената репутација на јазикот C++ како нешто тешко, комплицирано или не дај боже – застарено, тим од безмалку 20 Корејски научници во подземното гнездо на КАМАЈ МЕДИА детално ги разработи темите кои ќе се третираат во курсот, меѓу кои:
- Програмски стратегии за оптимизација на код
- Хардверски импликации на C++ семантиката
- Оптимално решавање на проблеми
- Најчести проблеми на типичниот C++ програмер и како да се надминат
- Концептуална претстава на машината за која програмираме (без разлика дали е виртуелна или вистинска)
Цената на имплантот кој се инсталира во префронталниот кортекс на кандидатите е 1000 денари. Закажете го терминот за процедурата на оваа форма. Првобитната контролна група од субјекти е ограничена, а одреден број од нив ќе бидат стипендирани како надомест за евентуално здобиената физичка или емоционална болка.
Камај Медиа е студио за развивање на ААА видео игри за играчки конзоли со седиште во Битола. Користејќи го комбинираното искуство на вработените во индустријата за развивање видео игри за домашниот и странскиот пазар, Камај Медиа моментално работи на сопствен проект за кој планира светска дистрибуција.