Роден на 1 март 1978 година во Скопје, каде што ги завршил основното и средното образование со одличен успех. Во текот на школувањето учествувал и освојувал награди на повеќе натпревари, меѓу кои на Државниот натпревар по информатика за средношколци во 1996 година освоил I награда, а учествувал на 8. Интернационална олимпијада по информатика и на 4. Балканска олимпијада по информатика, како претставник од Р. Македонија. При завршувањето на средното училиште бил прогласен за првенец на генерацијата. Истовремено, со успех ги завршил курсевите по англиски јазик во Центарот за странски јазици во Скопје и се стекнал со диплома од Универзитетот во Кембриџ за положен прв сертификат по англиски јазик. На студиите по информатика на ПМФ се запишал во академската 1996/97 година Дипломирал во 2000 година како најдобар студент на Факултетот и на Универзитетот, со среден успех 9.91. Во текот на студиите добил многубројни признанија за учество на меѓународни студентски натпревари за програмирање, организирани од здружението ACM, на кои во 1999 година го освоил второто место, како член на тимот на студенти по информатика при ИИ, и се пласирал за 24. ACM интернационално студентско светско финале, кое се одржа во 2000 година во Орландо, САД. По третата година на студииите, престојувал во лабораториите на компанијата Филипс во Ајндховен, Холандија, каде што работел на проучување на техниките за кодирање кај мултикаст-протоколите. Од октомври 2000 до март 2001 година работел како демонстратор на ИИ при ПМФ, а потоа бил избран за помлад асистент. Во 2001 година запишал постдипломски студии по информатика при ПМФ, кои ги завршил во 2004 година, со одбрана на магистерскиот труд под наслов “Комуникации кај грид-технологијата”, под менторство на проф. д-р Марјан Гушев. Во 2010 година со одбрана на докторската дисертација под наслов "Моделирање и верификација на грид процесни текови" се здобил со звањето доктор по информатички науки, по што во 2011 е избран за доцент. Изведува настава по предметите: мрежни и дистрибуирани оперативни системи, системски софтвер, вовед во ИТ. За студентите на ИИ изведувал вежби по предметите: вовед во информатиката 1, вовед во информатиката 2, конечна математика, нумеричко сметање со програмирање, програмски јазици, архитектура на компјутерските системи, алгоритми и автомати, структури на податоци, формални јазици и автомати, оперативни системи, паралелно и дистрибуирано процесирање, мрежни оперативни системи, теорија на програмирањето и системски софтвер. Раководител е на меѓународниот проект од FP7 програмата за Европската грид иницијатива. Бил соработник во 15 меѓународни проекти од областа на информатиката и унапредувањето на наставата по информатика. Значителен удел има во проектите SEE-GRID, SEE-GRID-2, SEE-GRID-SCI, како главно лице за техничките активности во имплементацијата на грид-технологијата во Република Македонија. Учествувал во преку 20 работилници како предавач и има остварено 10 кратки посети на универзитети и летни школи. Научниот интерес му претставуаат областите: грид пресметување, пресметување со високи перформанси, паралелно и дистрибуирано процесирање, генетски алгоритми, од кои има објавено 18 научни трудови на меѓународни конференции и 1 научен труд во меѓународно списание.
Рецензија - ЛИНК.
Одлука за избор - ЛИНК