Роден е 1982 година, во Скопје. Основно образование завршил во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, а средно образование во ДСУ „Раде Јовчевски - Корчагин“ во Скопје, со континуиран одличен успех. Во 2001 година запишал студии по информатика, применета насока, на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Студиите ги завршил во 2007 година, со одбрана на дипломската работа под наслов „Онтологии и методологија за нивен развој“. Во 2008 година запишал постдипломски студии по информатика на ПМФ, насока Вештачки интелигентни системи, кои што ги продолжил на Факултетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерество (ФИНКИ) во 2011 година. Студиите ги завршил во 2013 година, со одбрана на магистерскиот труд под наслов „Оценување на перформанси на програмски кодови преку методи на податочно рударење“, стекнувајќи се со звање магистер по информатички науки. Од октомври 2013 година е студент на докторските студии на ФИНКИ, студиска програма Информатика.
Почнувајќи од учебната 2004/2005 година, четири години по ред бил избиран за демонстратор на ИИ при ПМФ. Во декември 2008 година бил избран за стручен соработник на ИИ. Во 2011 година, заедно со сите останати вработени на ИИ при ПМФ, преминува на новоформираниот Факултет за Информатички Науки и Компјутерско Инженерество (ФИНКИ) при УКИМ во Скопје, каде е распределен на работна позиција соработник. Во февруари 2014 година е избран за асистент-докторанд на ФИНКИ. Има изведувано вежби по повеќе предмети: Информатика (основен курс за студенти од Филозофскиот Факултет - Социологија и Социјална работа и политика), Основи на програмирање, Објектно и визуелно програмирање, Структурно програмирање, Концепти за развој на софтвер, Напреден развој на софтвер, Компјутерски практикум - програмски јазик (курс за студентите на Институтот за математика при ПМФ), Мрежни оперативни системи, Нумерички методи, Математика 1, Математика 2, Математички методи за информатичари, Дискретна математика 2, Основи на интелигентните системи, Вештачка интелигенција, Софтверско инженерство, Микропроцесори и микроконтролери и Современи компјутерски системи. За потребите на наставата, има изработено неколку лабораториски практикуми и подготвено повеќе материјали за аудиториски вежби.
Член е на ИО на Здружението на Информатичарите на Македонија (ЗИМ) и активно учествува во организирањето и реализацијата на националните натпревари по информатика за ученици од средно и основно образование. Исто така, бил водач на македонската екипа на повеќе меѓународни натпревари и олимпијади по информатика. Учествувал во реализацијата на проектот „Едубунту“ на Владата на РМ, за модернизација на средното образование. Учествувал на повеќе домашни и меѓународни конференции, работилници и курсеви, а на дел од нив имал и свои излагања.
Рецензија - ЛИНК.
Одлука за избор - ЛИНК