Родена е во 1988 година во Куманово. Дипломирала на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје во 2011 година на насоката софтверско инженерство со просечен успех 9.87, како најдобар студент во својата генерација. Добитник е на наградата „Златник“ од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и „Златен прстен“ од организацијата на инженерите на Македонија. Во 2012-та година ја одбранила магистерската тема и се стекнала со научното звање магистер по информатички науки од областа на софтверското инженерство. Докторската дисертација ја одбранила во 2018-та година под менторство на проф. Анастас Мишев на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.
На Институтот за информатика при Природно математичкиот факултет во Скопје работи од 2010 година како демонстратор. Во 2011 година е избрана за демонстратор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, а во 2017 година за асистент-докторанд. Во август 2018 година е избрана за доцент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Изведува/ла настава по повеќе предмети: Алгоритми и податочни структури, Бази на податоци, Интернет технологии, Менаџмент на информациски системи, Софтверско инженерство, Методологија на истражување во ИКТ, Квалитет на софтвер и тестирање, Структурно програмирање, Објектно-ориентирано програмирање, Оперативни системи, Компјутерска графика, Калкулус, Компајлери, Дискретна математика, Конечна математика и Архитектура на компјутери.
Учествува/ла во повеќе меѓународни и домашни научно-истражувачки проекти. Во рамките на досегашната научно-истражувачка работа има објавено голем број научни трудови на домашни и меѓународни конференции и списанија како автор и коавтор. Полињата на нејзиниот научен интерес вклучуваат: научно пресметување, квалитет на софтвер, процесирање на биомедицински сигнали и софтверско инженерство.