Државниот натпревар по информатика за ученици од средните и основните училишта во Македонија, во организација на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), се одржа во Скопје, 27-29 април 2012 година. Натпреварот се одржува по 23-ри пат за учениците од средните училишта и на истиот започнувајќи од минатата година учествуваат и ученици од основното образование.
 
Домаќини на годинешниот натпревар се Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – Скопје и „Семос Едукација“ – Скопје.
 
На натпреварот учество земаа ученици од многу градови од Македонија. За овој државен натпревар тие се квалификуваа преку тренинг и регионален натпревар кои се реализираа во текот на оваа учебна година. На натпреварот учествуваа 101 учесници кои се натпреваруваа во 3 групи: почетничка, основна и напредна.
 
На настанот беа доделени повеќе дипломи за освоена прва, втора и трета награда, како и пофалби за успешно учество. Во секоја од трите натпреварувачки групи беа доделени по една до две први награди.
 
За најдобрите 16 матуранти на натпреварот Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) додели бесплатни стипендии за студирање кои ги врачи деканот на ФИНКИ, д-р Димитар Трајанов. За најдобрите учесници „Семос Едукација“, „Стопанска банка – Скопје“, „Алкалоид“ и „Ројал хаус“ обезбедија соодветен фонд на награди.
 
Стипендии добија:
 
Напредна група
  • Христијан Богоевски ПСУ 'Јахја Кемал' - Скопје
  • Валентин Амбароски СОУ 'Ристе Ристески - Ричко' - Прилеп
  • Никола Фурнаџиски ПСУ 'Јахја Кемал' - Скопје
  • Стефан Станоески СУГС 'Раде Јовчевски Корчагин' - Скопје
 
Основна Група
  • Виктор Јаневски ПСУ 'Интернационално средно училиште' - Скопје
  • Игор Петровски СУ 'Кирил Пејчиновиќ' - Тетово
  • Ташо Ќосев СУ 'Јане Сандански' - Струмица
  • Ангела Јосифовска ПСУ 'Интернационално средно училиште' - Скопје
  • Вики Пеева ПСУ 'Прва Приватна Гимназија' - Битола
  • Наталија Гуцевска СУ 'Јане Сандански' - Струмица
  • Мартин Солев СУГС 'Орце Николов' - Скопје
  • Виктор Попоски СУГС 'Орце Николов' - Скопје
  • Мето Трајковски СУГС 'Орце Николов' - Скопје
  • Бојан Трајковски СУ 'Гоце Делчев' - Куманово
  • Весна Бачева СУ 'Јане Сандански' - Струмица
  • Александар Спасески Гимназија 'Св. Климент Охридски' - Охрид
 
Целта на натпреварите е подигање на свеста кај младите особено кај учениците од основното образование, за потребите на ИТ индустријата во Македонија, како и нивно поттикнување за градење професионална кариера во областа на информатиката и информатичките и комуникациски технологии.
 
Здружението на информатичарите на Македонија години наназад работи на ова и во моментот ги избира екипите за учество на врвните меѓународни натпревари по информатика. Годинава Интернационалната олимпијада по информатика се одржува во Италија, а Балканската олимпијада во Србија.
 
Минатата година беше постигнат најголемиот успех на Македонија на Балканската, и Јуниорската балканска олимпијада кои се одржаа во Бистрица, Романија и на Интернационалната олимпијада која се одржа во Патаја, Тајланд. За прв пат беа освоени 8 медали на овие меѓународни натпревари, што сведочи за прогресивниот успех кој се постигнува.
 
На церемонијата за доделување на наградите и признанијата, Претседателот на ЗИМ, м-р Миле Јованов, искажа задоволство од зголемениот број на натпреварувачи во однос на минатите години и им посака на победниците понатамошни успеси на претстојните натпревари.
 
Заменик министерот за информатичко општество и администрација, г-ѓа Марта А. Томовска ги поздрави присутните во име на Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за образование и наука и ја искажа поддршката која Владата на Р. Македонија ја дава за ваквите настани.
 
 /> </div>
</body></html>