Агентно-базираното моделирање нуди природна метафора за разбирање и објаснување на многу феномени од доменот на биолошки и социјални системи – од еволуција и ширење на епидемии до сегрегација и формирање на коалиции. Многу системи може да се моделираат како средини составени од автономни агенти кои може да комуницираат, соработуваат, преговараат, да се спротивставуваат, да се водат од сопствени интереси или делуваат алтруистички. Микро-однесувањето на агенти водени од едноставни правила може да предизвика нови квалитети и комплексни појави во макро размери. Целта на предметот е запознавање на студентот со агентската парадигма за репрезентација и моделирање на системи од различни домени (пр. игри, роботи, однесување на социјални групи). По завршување на курсот се очекува студентот да има способност да дизајнира, моделира и реализира едно-агентен или повеќе-агентен систем користејќи соодветни алатки и платформи за развој.