Инфографици за нови студиски програми на ФИНКИ од 2018/2019
Овие студии имаат за цел обезбедување на врвен инженерски кадар за задоволување на се поголемата побарувачка за софтверски инженери, особено програмери. Студентите на оваа студиска програма се здобиваат со знаења кои им обезбедуваат голема професионална флексибилност и широк избор на работни места секаде каде постои потреба од анализа, спецификација, дизајн, проектирање, имплементација и програмирање, проектно управување и одржување на софтвер и информациски системи.
Додипломските студии по Компјутерски науки имаат за цел обезбедување на врвен кадар за задоволување на сé поголемата побарувачка за инженери по информатички науки и компјутерско инженерство. Студентите на оваа студиска програма се здобиваат со знаења кои им обезбедуваат голема професионална флексибилност и широк избор на работни места секаде каде постои потреба од примена на вештини за решавање на проблеми, како и вештини за критичко размислување, кои ќе ги користат за решавање на комплексни пресметковни проблеми.
Додипломските студии по Интернет, мрежи и безбедност ќе продуцираат кадар наменет пред сé за дизајн и одржување на информациско - комуникациската инфраструктура во стопанството - со посебен акцент на компаниите кои во својата работа користат Интернет и други комуникациски инфраструктури. Покрај базичната инфраструктура, клучна точка на интерес е поставување и одржување на сервисите на повисоките нивоа кои се нудат во мрежна околина, и заштита на системите и корисниците од малициозни напади.
Студиите по Компјутерска едукација се наменети за создавање на врвен кадар во областа на информатичкото образование, пред се во средните училишта. Ваквиот образовeн кадар е подготвен да ги пренесе најновите информатички технологии на учениците, ќе овозможи повисоко ниво на познавање на информатичките технологии на сите средношколци, а ќе придонесе и да се подобри нивото на знаење на влез на идните студенти на студиите по информатика на универзитетите.
Додипломските студии по Компјутерско Инженерство имаат за цел обезбедување на врвен инженерски кадар за задоволување на се поголемата побарувачка за компјутерски инженери. Студентите на оваа студиска програма се здобиваат со знаења кои им обезбедуваат голема професионална флексибилност и широк избор на работни места секаде каде постои потреба од проектирање, имплементација и одржување на компјутерски системи. Дипломираниот инженер од овој профил својата кариера може да ја гради во индустријата, во јавниот и услужениот сектор, но, особено во компаниите за развој на компјутерски системи, системите што треба да работат во реално време, системите за поддршка на телекомуникациски услуги, услуги базирани на интернет, напредни кориснички интерфејси, апликативни решенија поврзани со дизајн и имплементација на компјутерски системи и друго.
Додипломските студии по Примена на информациски технологии имаат за цел обезбедување на врвен информатички кадар за задоволување на се поголемата побарувачка за информатички инженери кои покрај техничките знаења имаат и бизнис знаења и претприемачки дух. Овие студии ќе создаваат кадар кој ќе има знаење за алатките и принципите на раководење со проекти со значајно учество на информатичката технологија од една страна, но и примена на современи информатички алатки во процесот на управување со проекти или претпријатија од друга страна.